Лабораторија за бихејвиорални и експериментални економски науки – LaBEES
Лабораторијата за бихејвиорални и експериментални економски науки – LaBEES при Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје е современа истражувачка лабораторија наменета за проучување на економското однесување и процесите на донесување одлуки преку примена на експериментални и бихејвиорални методи.
Лабораторијата претставува прва специјализирана лабораторија од овој тип во Западен Балкан и создава услови за спроведување контролирани економски експерименти, истражувања на потрошувачкото однесување, преференциите на земјоделските производители и други економски субјекти, како и за тестирање на ефектите од различни пазарни и јавни политики.
Истражувањата во LaBEES се базираат на пристапи во кои учесниците носат реални или стимулирани економски одлуки, со што се овозможува подобро разбирање на факторите што влијаат врз изборот и однесувањето на индивидуите.
Empowering Business Decisions with Non-Hypothetical Science-Driven Consumer Insights_LABEES
Истражувачки области
Активностите на лабораторијата опфаќаат:
-
бихејвиорална и експериментална економија;
-
економија на потрошувачкото однесување и истражување на преференции;
-
експериментални аукции и непотенцијални методи за вреднување;
-
дискретни изборни експерименти (Discrete Choice Experiments);
-
мерење на преференции кон ризик и време;
-
доверба, соработка, реципроцитет и други форми на социјални преференции;
-
експериментално тестирање на мерки и инструменти на јавни политики;
-
однесување на земјоделски производители и други учесници во земјоделско-прехранбените синџири;
-
тестирање на нови производи, иновации и пазарни концепти;
-
економетриска анализа на експериментални и бихејвиорални податоци.
Истражувачка инфраструктура
LaBEES располага со 11 компјутерски работни места за учесници во експерименти и со специјализирана инфраструктура и софтвер за дизајнирање, организирање и спроведување лабораториски и теренски истражувања.
Во работата се користат z-Tree, ORSEE и Qualtrics, како и различни експериментални методи и механизми, меѓу кои BDM и други видови аукции, dictator, trust и public goods games, choice experiments и експериментални задачи за мерење на ризични и временски преференции.
Соработка со науката, бизнисот и јавниот сектор
Покрај научноистражувачката и образовната функција, LaBEES е насочена кон примена на бихејвиоралната и експерименталната економија во решавање реални проблеми.
Лабораторијата овозможува развој и спроведување истражувања за потребите на компании, земјоделски производители, институции, креатори на политики и други организации, вклучително тестирање на потрошувачки преференции, прифатливост и вреднување на производи, однесување на пазарот и ex-ante тестирање на различни мерки и политики.
На овој начин, LaBEES претставува платформа за поврзување на науката, бизнисот и јавните политики, со цел обезбедување научно засновани податоци и докази за подобро донесување одлуки.
Тим и меѓународна соработка
Раководител на лабораторијата:
проф. д-р Марина Нацка
Во развојот на истражувачките активности на LaBEES се вклучени и меѓународни соработници од областа на бихејвиоралната и експерименталната економија:
проф. д-р Андреас Дрихутис – визитинг професор, Земјоделски Универзитет во Атина, Грција
проф. д-р Родолфо М. Најга – Тексас А&М Универзитет, САД
проф. д-р Марко Палма– Тексас А&М Универзитет, САД
Лабораториски асистент:
дипл. земј. инж. Златко Чаневски
Преку домашна и меѓународна соработка, лабораторијата има за цел да придонесе кон развојот на експерименталната економија, современите истражувачки методи и нивната практична примена во земјоделско-прехранбениот сектор и пошироко.