Лабораторија за биологија и селекција на медоносни пчели

Лабораторијата за биологија и селекција на медоносните пчели, основана во 2021 година во рамките на Институтот за анимална биотехнологија при Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, спроведува напредни научни и применети истражувања во областа на биологијата, репродукцијата и заштитата на медоносните пчели.

Активностите на лабораторијата се насочени кон зачувување на биолошката разновидност, унапредување на пчеларските технологии и спроведување на одгледувачки и селекциски програми, со примена на современи методи, вклучувајќи инструментално осеменување и пресметување на одгледувачките вредности.

Капацитетите на лабораторијата се користат и за долгорочно следење на загубите на пчелните семејства, како и за реализација на бројни домашни и меѓународни проектни активности.

Лабораторијата има значајна улога и во наставно-образовната дејност преку едукација на студенти од сите циклуси на студии, организирање основни и напредни обуки за пчелари, како и редовно објавување научна и стручна литература.

Контакт 

Проф. д-р Александар Узунов (uzunov@fznh.ukim.edu.mk)